Народна банка - во улога на регулатор или соработник на банките за манипулирање на граѓаните ?

Да се тврди дека банките си ја вршат својата работа во согласност со сите законски прописи после изјавата  на Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми за постоење на неколку банки кои можеби работеле спротивно од истите, е апсурдно. Иако се работи за дејствија од пред една декада, за нив до 2018 година воопшто не се знаело, а до 2020 ништо не се преземало. Имено, доколку не беше покрената истрагата за Еуростандард банка, за нив јавноста можеби никогаш немаше да дознае. Иако Народната Банка ја врши супервизијата во банкарскиот сектор, никогаш не известиле за тие прекршоци. Во меѓувреме граѓаните немајќи достапни информации за ваквите активности, им ги доверува своите пари на банките, верувајќи во нивната стабилност и коректната и ефикасна супервизија на Народната Банка. И за тоа граѓаните не биле свесни се до пропаѓањето Еуростандард банка, кога и се покрена предистражна постапка за пронаоѓање на сите фирми со кои што таа соработувала.

 Тоа ни дава јасна слика за работењето на Народна Банка како примарен информатор на граѓаните за работата на банките. Дали можеби довербата на граѓаните кон Народна банка, која е задолжена за вршење надзор врз работењето на банките ќе се намали?  Би требало, поради фактот што во периодот за кој има сомнеж дека некои банки преземале дејствија спротивни од законот, Народната банка не посочила никакви нерегуларности во работењето  на одделни банки. Но, тоа не значи дека не постојат. Знаејќи дека Народната банка е единствениот надлежен орган  овластен за откривање на банкарски нерегуларности, граѓаните токму преку неа се информираат за истите. Но, што се случува кога ќе се покаже дека таа не работи соодветно? Зошто тоа се случува и дали повторно ќе се случи. Дали за неколку години од сега, ќе бидеме сведоци на сценариото со Еуростандард банка и дали народот ќе биде оној што повторно ќе биде оштетен?

 До кога пропаѓањето на некоја банка ќе биде единствениот поттик да се преземи нешто? Зарем заштитата на парите на граѓаните не е доволна причина за да се засили надзорот и санкционирањето на банките? Довербата во институциите е тесно поврзана со довербата на граѓаните во банките. Разнишувањето на едната претставува разнишување на другата и затоа е неопходно таа да се задржи на високо ниво. Неопходно е институциите да почнат да соработуваат помеѓу себе за да се заштитат граѓаните од алчноста на помоќните. Банките забораваат дека работат со парите на граѓаните и оттаму ја добиваат моќта што ја поседуваат и доколку граѓаните одлучат да ги повлечат своите пари од банките, таа моќ ќе биде изгубена.

 Имајќи го предвид фактот дека Народната банка како единствена институција за регулација и супервизија на банкарскиот сектор ги изготвува извештаите за состојбата на истиот , прашањето кое се поставува е дали таа ја злоупотребува својата позиција преку пласирање на некомплетни и лажни информации. Дали постојат уште вакви случаи кои вешто се кријат од граѓаните, а вистината ќе излезе на виделина кога штетата ќе биде непоправлива?

Поврзани вести

КАТЕГОРИИ
БИДИ ИНФОРМИРАН!

ЗАКОНИ!