Трансформација на Еуростандард банка во Етичка банка единствено решение за спас на нејзините клиенти

    Сведоци сме пред само нецелосни 5 месеци на изјавата на Гувернерката пренесена преку медиумите: "Банкарскиот систем останува здрав и стабилен". Останува неодговорено прашањето од надлежните институции како после само 4 месеци дојде до стечај на Еуростандард Банка за кој одговор очекуваат клиентите на таа банка, кои секојдневно се соочуваат со агонијата како ќе ги надминат своите финансиски проблеми предизвикани од стечајот на банката. Наместо одговор и решение за настанатата ситуација се закажуваа само прес-конференции со меѓусебни обвинувања помеѓу сопствениците на банката и НБРСМ. Ние како Здружение на банкарски клиенти АНУИТЕТ имаме предлог како клиентите да останат неоштетени. Нашиот предлог е трансформирање на Еуростандард Банка во Етичка Банка преку законски модел преку кој оштетените клиенти штедачи би добиле во вредност на своите пропаднати штедни влогови акции кои подоцна би можеле да ги продаваат преку берзата и така да си ги повратат своите средства.
   
     Што тоа значи и придобивки од Етичка банка  ?

   Модел на Етичката Банка основана од штедачите и другите обични граѓани би била раководена од тим кој ќе биде избран според своите квалификации и искуство во банкарското работење, а не од доминантните акционери сопственици со цел да бидат штитени нивните интереси на сметка на обичниот граѓанин. Етичката банка е банка кои нема доминантни акционери, туку акционери се обичните граѓани и раководството на банката одговара пред нив. 
    Целта на Етичка банка не е остварување на енормно високи профити како што е случајот со другите деловни банки, туку развој на општеството преку економско одржливи и развојни проекти. Банката освен финансирања на претприемачки стартапи би финансирала и станбени кредити, автомобилски кредити, но нема да одобрува ненаменски потрошувачки кредити и дозволени пречекорувања на плата на работникот.
      Клиентите на банката нема да плаќаат провизии за услугите или истите ќе бидат на многу ниско ниво. Каматните стапки по кои би се пласирале средствата би се движеле почнувајќи од 1% до  најмногу 4% во зависност од намената на средствата. 
      Профитот кој ќе го оствари банката би се инвестирал во општествени проекти кои би го подобриле квалитетот на живот на секој граѓанин, наместо да завршува во приватни џебови на одредени индивидуи за луксузен живот.
        Овој модел на етички банки веќе функционира во многу развиени земји применувајќи ги во своето работење основните принципи на транспарентност, солидарност, учество на вработените и корисниците на услуги во управувањето со банката.

Здружение на Банкарски клиенти АНУИТЕТ


    
 

Поврзани вести

КАТЕГОРИИ
БИДИ ИНФОРМИРАН!

ЗАКОНИ!